• понеделник, 15 декември 2025

Американски милијардер донирал 99.999 долари за човекот кој спаси Евреи при нападот на плажата во  Сиднеј

Американски милијардер донирал 99.999 долари за човекот кој спаси Евреи при нападот на плажата во  Сиднеј

Вашингтон, 15 декември 2025 (МИА) - Американски милијардер донираше речиси 100.000 долари - максималниот дозволен износ за онлајн донација - на човекот кого веќе го нарекоа „херојот на плажата Бонди“. 

Станува збор за граѓанин кој совладал еден од напаѓачите за време на нападот и му го украл оружјето. Донацијата изнесува 99.999 долари, што е околу 85 илјади евра.

Во видео кое стана вирално, 43-годишниот сопственик на продавница за овошје, Ахмед Ал Ахмед, се гледа како трча кон напаѓачот и му го грабнува оружјето. Откако му го одзел оружјето, тој го свртел кон него и го принудил да се повлече.

Најголемата единечна донација ја направил американскиот милијардер Вилијам Акман, извршен директор на Pershing Square Capital Management, кој на платформата Х го пофали „храбриот херој“ за спасувањето животи. 

Родителите на Ахмед претходно изјавија дека нивниот син бил застрелан четири или пет пати во рамото и дека е на болничко лекување.

На прес-конференција, премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, му оддаде почит на храброста на Ахмед, чие име сè уште не беше објавено во тоа време. 

„Тој човек е вистински херој и не се сомневам дека многу, многу луѓе се живи вечерва благодарение на неговата храброст“, рече тој.

„Денеска видовме како Австралијанци трчаат кон опасност за да им помогнат на другите. Овие Австралијанци се херои, а нивната храброст спаси животи“, рече австралискиот премиер Ентони Албанезе. 

На божиќниот прием во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, го пофали Ахмед, велејќи дека има „голема почит“ кон него. 

„Тоа беше многу, многу храбар човек. Тој директно го нападна еден од напаѓачите и спаси многу животи“, рече тој.

За потсетување, полицијата објави дека најмалку 16 лица се убиени во вчерашниот напад. Нападот беше насочен кон еврејската заедница за време на прославите на Ханука на плажата Бонди, а 29 лица, вклучувајќи едно дете, беа однесени во болница. Меѓу жртвите е и еден израелски државјанин.

Полицијата на Нов Јужен Велс потврди дека двајцата напаѓачи биле татко и син, идентификувани како 50-годишниот Саџид Акрам и неговиот 24-годишен син Навид Акрам, кој бил истражуван од безбедносните служби во 2019 година за врски со терористичката организација Исламска држава.

Таткото бил убиен на местото на настанот, со што вкупниот број на загинати достигна 16, додека синот е во критична состојба во болница. Целиот инцидент е прогласен за терористички чин.сд/

Фото: Х

Остани поврзан